Сцена
Симон Трпчески со концертно деби во Чиле
Нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, концертната 2025 година ја продолжи вчера (6 март) со првиот од двата деби концерта во Сантијаго, Чиле. Придружуван од Филхармонискиот оркестар на Сантијаго во Градскиот театар, Трпчески го изведе Првиот концерт за пијано и оркестар од Чајковски.
Диригентската палка беше во рацете на главниот гостин-диригент на оркестарот, чилеанско-италијанскиот маестро Паоло Бортоламеоли.
Како што информира „КултурОп“, Трпчески до крајот на месецов го очекуваат и новите концертни средби со Симфонискиот оркестар на Чикаго во чија сала три вечери на програмата ќе биде Првиот концерт за пијано и оркестар од Рахмањинов, а под диригентската палка на Јакуб Хруша, како и трите настапи на домашната сцена на Симфонискиот оркестар на Феникс, со изведбата повторно на Првиот концерт за пијано и оркестар од Чајковски, овој пат под диригентската палка на нам добро познатиот диригент од Венецуела, Илич Ривас. Ривас со Трпчески во 2009 година настапи и во Скопје, заедно со Младинскиот оркестар на КултурОп, во рамките на „Скопско лето“.




