Сцена
Специјална програма на МФФ „Киненова“ во декември: Регионална премиера на филмот „Кафе“ на осудениот ирански режисер Навид Михандост
Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ се приклучува на Солунскиот филмски фестивал и на Меѓународната Коалиција за филмски автори во ризик изразувајќи искрена и недвосмислена поддршка за иранскиот перспективен и талентиран филмски автор Навид Михандост, кој на 20-ти август оваа година беше уапсен во Иран за да отслужува тригодишна затворска казна.
Имено, во јануари 2021 година, исламскиот суд во Техеран за специјални злосторства, за поттикнување на насилство или за обид за соборување на исламската влада, донесе пресуда со која изрече казна од 3 години и 6 месеци врз основа на обвиненијата за „дејствување против националната безбедност“ и „пропаганда против режимот преку истакнување на пароли“.
Коалицијата реагира на овој случај на прогон, закани за личната безбедност или слобода на филмските работници кои се изложени на ризик како резултат на нивната работа и ќе го брани нивното право да продолжат со својата работа, преку мобилизирање на меѓународната филмска заедница.







