МК Сцена
Вечерва почнуваат 55. Струшки вечери на поезијата
Со традиционалното читање на Константиновата „Т`га за југ“ пред Домот на поезијата денеска почнува 55. јубилејно издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.
По официјалното отворање на манифестацијата следува меѓународно поетско читање „Поетски меридијани“. Следниот ден на програмата е портрет на минатогодишната добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија Виолета Танчева-Златева, а потоа следуваат поетски читања на поети од потесниот избор за оваа награда за 2016 година. Портрет ќе има и добитничката на наградата „Мостови на Струга“, која СВП и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга, Руна Светликова, а поетски портрети ќе имаат и други учесници на фестивалот.
Традиционалното садење на дрво и поетско читање во чест на добитникот на „Златниот венец“, канадската романсиерка, поетеса, книжевна критичарка и активистка Маргарет Атвуд ќе се одржи в сабота во Паркот на Поезијата. Неизоставен дел од манифестацијата се и поетските читање низ градовите, „Поезија на пат“, што годинава ќе се реализира во Охрид, Битола, Ресен и Скопје.




