Промо
Вевчани подготвено за годинашното издание на карневалот
Зетот, невестата, двата ѓавола и двајцата глупи августи, како и останатите маски инспирирани од случувањата во изминатата 2015 година, во среда на 13 јануари во 14 часот традиционално ќе продефилираат низ улиците на Вевчани во рамки на годинашното издание на Вевчанскиот карневал.
Карневалот, што се одржува под покровителство на Министерството за култура, годинава ќе трае четири дена и ќе почне на 10 јануари со културна програма и изложба на слики од познатиот сликар Славчо Упевче. На 12 јануари во 21 часот ќе почне музичкиот дел од програмата со настап на Слатакристика, С.А.Р.С. и Брас Брадерс, на 13 јануари е свеченото отворање на карневалот и дефилето на маски, а вечерта настапуваат Есма Реџепова и Наум Петрески, како и групите Инфузија и Перо Бели. На полноќ ќе има петминутен огномет со кој ќе се означи доаѓањето на Новата година по Јулијанскиот календар. Последниот ден на 14 јануари утрината е традиционалното одење на вода на Вевчанските извори, а на пладне завршува манифестацијата со василичарското оро и палењето на маските.
Градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски вели дека се е подготвено за карневалот и очекува на двата главни фестивалски дена да има по 10.000 посетители, а интерес, како што рече на денешната прес-конференција, има и од земјите од соседството и пошироко.




