Река од тркачи низ скопските улици на денешната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ (ФОТО)
Денес се одржа традиционалната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ, на која учество земаа околу 1000 тркачи. Оваа трка, како единствена градска брза трка, е мотивација на сите учесници, кои го даваат максимумот од себе, да продолжат со тренирање, вежбање и одржување на здрави навики.
Трката започна и заврши на булевар Илинден, пред фонтаната Лотос, а патеката по која се трчаше беше по булеварот Илинден и дел од булеварот Партизански Одреди.
Победник во машката категорија на овогодинешната десеткилометарска трка е Дарио Ивановски, со истрчано време од 29:58, на второто место се најде Леонид Вандевски, со време од 32:55, а третото место му припадна на Атанас Анчевски, со време на трчање од 33:19. Од женските прва беше Адријана Поп Арсова, со 35:07 минути, второто место го зеде Биљана Кираџиева со 38:40 минути и на третото место заврши Милјана Ристиќ со 39:58 минути.






