
Спорт
Под мотото „Весламе за ретките“ ќе се одржи веслачка тура со кајаци
Во услови на пандемија со Covid-19, кога скоро сите јавни настани се откажани поради безбедносните мерки и препораките на Владата на РСМ, Спортско-рекреативниот клуб „Соларис“ и хотел „Боград“ од Струга, со поддршка на Ретки болести Охрид и „Живот со предизвици“ – Битола, во недела 04.09.2021 година организираат веслачка тура со кајаци под мотото „Весламе за ретките“.
Годинава по вторпат струшките кајакари, ентузијасти и поддржувачи на лицата со ретки болести ќе ги разбрануваат водите на реката Црн Дрим и Глобочичкото Езеро под мотото „Весламе за ретките“. И оваа година настанот ќе биде организиран во партнерство со хотел „Боград“ и Спортскиот клуб „Соларис“, а на него ќе земат учество 30-тина кајакари меѓу кои и лица со ретки болести.
– Идејата да организираме ваков настан дојде сосема спонтано и после првата тура, која помина многу успешно, годинава се охрабривме да ја подигнеме на повисоко организациско ниво. Целта е преку овој настан е да се привлече внимание за потребите на овие лица и да се апелира кон релевантните институции да бидат брзо идентификувани, правилно дијагностицирани и соодветно лекувани – вели Шериф Кадриоски, иницијатор на настанот и сопственик на хотел „Боград“.



