ТРЧАЈ БЕ – голема атлетска приказна со два нови македонски рекорди и балканско првенство во полумаратон
Над илјада учесници и многу публика распоредена на улиците низ Битола, викендов приредија атлетски спектакл во Битола.
Организаторите на третото издание на ТРЧАЈ БЕ и покрај ограничувањата со протоколите наметнати од здравствената криза, одговорија успешно на предизвикот да организираат Балканско првенство во полумаратон и пратечки две трки на 5К и 10К, покажувајќи дека со многу посветеност, вклучување на професионален тим и пред сѐ љубов, можат да бидат надминати сите пречки и приредија вистински тркачки спектакл во Битола.
Од минатата година, овој настан е и официјално прифатен и од Атлетската федерација на Македонија, оттука и одлуката Балканското првенство во полумаратон да се организира во градот кој за многу кратко време создаде бренд од својата градска трка Трчај бе. Петседателката на АФМ Александра Војнеска-Зикова, го означи стартот на трите трки и поздравувајќи ги репрезентациите од земјите учеснички и домашните атлетичари истакна како може една идеја да се преточи во настан кој евидентно ја подигнува атлетиката на едно поинакво ниво.




