Актуелно
АЕТМ и ДЗС во заедничка иницијатива за подобрување на квалитетот на статистичките податоци за е-трговијата во С. Македонија
Како дел од напорите за подобрување на методологијата и квалитетот на податоците за е-трговијата, приближување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ и следење на трговијата во Република Северна Македонија во рамките на Спогодбата на ЦЕФТА, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во соработка со Државниот завод за статистика, организираше тркалезна маса за дискусија на можностите и начините за подобрување на методологијата на податоците за е-трговија.
Една од главните причини за ваквата иницијатива, како што потенцираат организаторите, е недостатокот на податоци кои нашата земја може да ги понуди во европските извештаи за е-трговија, а се важен предуслов за утврдување на тековните состојби поврзани со е-трговијата во Северна Македонија и проекциите за нејзин раст и развој во иднина.
На тркалезната маса, која е организирана како прва заедничка активност на АЕТМ и ДЗС по потпишувањето на меморандумот за соработка, беше иницирана соработка и дискусија помеѓу релевантните институции кои во своето работење прибираат, анализираат и овозможуваат пристап до податоци за е-трговијата, организациите од невладиниот сектор и компаниите од бизнис секторот во областа на е-трговија, а во насока на донесување на конкретни акции кои секоја од засегнатите страни ќе се стреми да ги имплементира во следниот период.



