Актуелно
АЕТМ: Над 100 пријавени е-трговци за ‘Ecommerce Awards 2022’, рокот за пријавување истекува во петок
Годинава по втор пат се организира изборот за најдобрите во е-трговијата “Ecommerce Awards 2022” преку кој ќе бидат наградени и препознаени најдобрите македонски е-трговци за 2022 година. Покрај препознавање на успешната работа на е-трговците, целта на овој избор е поттикнување и унапредување на растот и развојот на македонската е-трговија во целина.
Најдобрите е-трговци за 2022 година ќе се одбираат во 23 категории поделени во три секции: Шампиони во е-трговија, Најдобри е-продавници по сектори и Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање. Дел од категориите во кои ќе се натпреваруваат е-трговците се: „Најдобра новоотворена е-продавница“, „Е-продавница за храна и пијалаци на годината“, „Е-трговец со најдобра грижа за корисници“, „Најдобар верифициран е-трговец“, а главната награда е резервирана за категоријата “Е-трговец на годината”.
Пријавувањето за изборот на најдобрите е-трговци е бесплатно и е во тек. Преку официјалната веб-страница на натпреварот до сега се имаат пријавено повеќе од 100 македонски е-трговци, а пријавувањето трае до петок, 13 јануари, до 23:59 часот. По завршувањето на пријавувањето и објавувањето на номинираните е-трговици ќе следува гласање од јавноста кое ќе трае до 15-ти февруари, како и гласање од жири комисијата составена од внимателно одбрани стручни лица со цел да ги изберат најдобрите е-трговци. По собирање на поените добиени од публиката и од стручното жири, ќе се направат финални ранг листи со победниците во секоја категорија. Доделувањето на наградите на најдобрите е-трговци за 2022 година ќе се одвива на свечен настан во март 2023 година. На минатогодишниот избор за најдобрите во е-трговијата беа пријавени над 150 домашни е-трговци и беа собрани над 5000 гласови од јавноста, а беа доделени вкупно 30 награди во 18 категории.



