Актуелно
АЕТМ: „Преку-граничната е-трговија – неискористен потенцијал за Македонија и Балканот“
Е-трговијата во Северна Македонија и Западен Балкан бележи континуиран раст, поттикнат особено од пандемијата, но нивото на развој останува значително под просекот на ЕУ. Потенцијалот на овие мали и фрагментирани пазари лежи во преку-граничната е-трговија, која засега е недоволно искористена. Со популација од 17,1 милиони жители и вкупен БДП (PPP) од 376,6 милијарди меѓународни долари (Светска банка, 2022), регионот има можност да создаде значителен заеднички пазар.
Според Statista, приходите од е-трговијата во Западен Балкан во 2029 година се проценуваат на 3,98 милијарди евра. Србија има највисока проектирана стапка на раст (CAGR) од 10,6%, додека Црна Гора најниска со 6,2%. Приходот по корисник (ARPU) е највисок во Црна Гора (1.421 евра), а најнизок во Србија (465 евра). И покрај растот, регионот не ја намалува разликата со ЕУ, при што само Србија има повисок CAGR од европскиот просек.
Сепак, преку-граничната е-трговија во Западен Балкан значително заостанува зад ЕУ. Само 4.3% од малите и средни претпријатија (МСП) во регионот учествуваат во преку-гранична е-трговија, за разлика од 8.7% во ЕУ. Во Македонија, бројот е особено низок – само 1% од МСП се вклучени во прекугранична е-трговија, додека Црна Гора се издвојува со 16%, надминувајќи го дури и просекот на ЕУ (DESI 2022 Report).

