Ефектите од глобалната Ковид пандемија во фокусот на третата годишна конференција за е-трговија во Македонија
Предизвиците, можностите и ефектите од Kовид кризата кон бизнисите ќе бидат во фокусот на Третата годишна конференција за е-трговија во Македонија, која годинава ќе се одржи онлајн, на 25-ти и 26-ти ноември и е насловена: „Е-трговија и Ковид-19: Предизвици и можности!“.
Традиционално, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, конференцијата ќе биде место каде мноштво истакнати странски и домашни говорници од различни сектори поврзани со е-трговијата, преку предавања, панел дискусии и неформални разговори, ќе ја пренесат својата експертиза и искуство од областа на е-трговијата, ставајќи го во фокус влијанието на пандемијата врз растот на е-трговијата.
– „Прилагодувајќи се целосно на состојбата предизвикана од КОВИД пандемијата и потребата на што повеќе бизниси да се префрлат кон онлајн продажба, оваа година конференцијата има за цел да го разоткрие и пренесе потенцијалот на е-трговијата, особено во време на глобална пандемија. Знаејќи дека промените се тешки, но неизбежни за раст и прогрес, со насловот „E-трговија & COVID-19: Предизвиците и можностите!“ ќе ги опфатиме најактуелните теми како: лекции од е-трговијата за време на ковид-19, адаптацијата на комуникациска стратегија во време на криза, подобрување на искуството на е-купувачите преку обезбедување на корисничка услуга, зголемување на онлајн безбедноста и можностите кои ги пружа меѓуграничната е-трговија. Овие теми ќе бидат разработени заедно со над 30 домашни и меѓународни говорници и експерти во своите полиња.” – велат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.


