Актуелно
Масовна прослава и „Богојавленска софра“ на Водици во Крива Паланка
Во чест на еден од најголемите христијански празници, Водици, кога се осветуваат сите води, општина Крива Паланка организира масовен настан „Водици, Богојавление 2024“, можност – сите во општината заедно да го одбележат и прослават овој голем ден.
-Церемонијата ќе почне со свечена Богојавленска литургија во осум часот, во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, по што верниците ќе се упатат кон мостот и кејот на Крива Река, каде се осветуваат водите. По положување на чесниот крст во водите на реката, во 10 часот и 30 минути следува централната манифестација на градскиот плоштад, каде во празничен дух, граѓаните ќе го прослават празникот со музичка програма од Благоја Алачки и пријателите, заедно со нивната гостинка, Адријана Алачки, а водителка на настанот ќе биде Ирена Спировска. Прославата ќе биде во знак на македонскиот мелос, со изведба на познати македонски народни песни и хитови, ора и популарната „паланечка тројка“, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.
На Водици за првпат во општината ќе се одржи и натпревар за најубава „Богојавленска софра“ во организација на Македонската асоцијација на готвачи и шефови на кујни „Гастромак“, претседателката Адријана Алачки во соработка со Општина Крива Паланка.




