Актуелно
Објавена агендата на 7. регионална конференција за е-трговија
На само неколку недели до претстојната Конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 12 ноември во големата сала на Националната опера и балет во Скопје, настанот ветува ден исполнет со инспиративни говори, панел дискусии и студии на случај преку кои ќе се „отплеткуваат“ можностите што ги нуди е-трговијата. Учесниците ќе имаат уникатна можност да го слушнат искуството на интернационалните и домашните индустриски експерти кои го искористуваат потенцијалот во различни аспекти во областа на е-трговијата.
На конференцијата ќе се истражува како компаниите можат да ги адаптираат своите стратегии за да откријат нов бизнис потенцијал, преку подобрување на логистиката, оптимизирање на плаќањата, надградба на маркетинг стратегиите и проширување на пазарите.
Конференцијата со свое воведнo обраќањe ќе ја отвори претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков која ќе ги презентира клучните сознанија од Извештајот за е-трговија во Западен Балкан за 2024 година. Овој извештај ќе ги потенцира достигнувањата во регионот, нагласувајќи ги и успесите, но и областите кои сѐ уште треба да се развиваат, особено во меѓуграничната трговија.



