Актуелно
OKTA со поддршка на лицата со оштетен вид за нивно полесно учество во сообраќајот
По повод Светскиот ден на белиот стап, ОКТА и Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија потпишаа меморандум за соработка, со кој се утврдува начинот на кој компанијата ќе обезбеди поддршка за лицата со оштетен вид, со цел да овозможи нивно полесно учество во сообраќајот.
За оваа намена, OKTA ќе донира на Градот Скопје, 50 уреди за звучна сигнализација на пешачки премини. Со помош на ЈП „Улици и Патишта“, уредите ќе бидат инсталирани на булевари и улици кои претставуваат критични точки во сообраќајот за лицата со оштетен вид. Станува збор за современа и модерна звучна сигнализација, чија јачина на звук во децибели автоматски се регулира во зависност од нивото на надворешна бучава.
„Грижата за поголема безбедност во сообраќајот претставува долгорочна определба на ОКТА. Оваа заложба компанијата во континуитет ја спроведува, како дел од својата општествено одговорна платформа „ЈАС ВНИМАВАМ“, која има за цел поттикнување на повисока општествена свест за лична и колективна безбедност во сообраќајот. Досега, преку бројни активности, се обидовме да придонесеме кон унапредување на сообраќајната култура и безбедност на различните учесници во сообраќајот. Овој пат одиме чекор понапред со поддршка на нашите сограѓани со оштетен вид, со цел да го олесниме нивното учество во сообраќајот и секојдневното функционирање. Се надеваме дека со оваа активност ќе ја зголемиме свеста и на останатите учесници во сообраќајот, за лицата со попреченост, како една од најранливите категории на пешаци“ – истакна Вук Радовиќ, главен извршен директор на ОКТА.



