Актуелно
РСБСП: Неколку факти зошто велосипедистите треба да носат заштитен шлем
Според податоците на релевантни меѓународни организации, на светско ниво, 2% од загинатите лица во сообраќајни незгоди се велосипедисти, а најчести смртоносни повреди кај велосипедистите се повредите на глава. Кај нас во просек годишно десетина велосипедисти го губат животот во сообраќајни незгоди.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, велосипедист кога учествува во сообраќај треба да носи заштитен шлем односно кацига, но законот не предвидува никаква санкција доколку велосипедистот не користи заштитен шлем односно кацига.
Една од причините зошто законот не предвидува задолжително користење на заштитна кацига е фактот што голем број на велосипедисти, а исто така и Европската велосипедска федерација сметаат дека доколку користењето на заштитна кацига е задолжително и доколку не користењето на заштитна кацига се санкционира, тогаш значително ќе се намали бројот на лица кои користат велосипед како сообраќајно превозно средство и на тој начин ќе се изгубат сите придобивки кои ги носи користењето на велосипедот како превозно средство.




