Актуелно
Скопјани и покрај пандемијата даруваат крв по повод Голема Богородица (ФОТО)
Во Домот на АРМ во Скопје денеска се одржува традиционална крводарителска акција по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, што оваа година се одржува по одобрени протоколи, согласно пандемијата со Ковид-19.
Валентина Колеска, секретар на Црвениот крст на Северна Македонија – Општинска организација Центар, рече дека досега околу 60 крводарители учествувале во акцијата и ги повика сите граѓани кои сакаат да даруваат крв да дојдат во Домот на АРМ до 17 часот, до кога трае акцијата.
-Денеска веќе се приближуваме кон бројката од 60 крводарители, задоволителна бројка нешто слично како и изминатите години, најверојатно пандемијата на Ковид-19 не ги спречува луѓето да даруваат крв. Што се однесува до организацијата испочитувани се сите протоколи за заштита од Ковид-19. Во текот на летото секогаш имам недостиг на крв и оваа акција токму затоа е многу важна. Ги повикувам крводарителите, граѓаните на Град Скопје да дојдат, акцијата трае до 17 часот, да ја покажат својата хуманост. Во овие 17 години се собрани околу 3.890 крвни единици, или во просек 230 дарители на самата акција, вели Колеска.




