Актуелно
За три години граѓаните рециклирале 10 милиони шишиња и лименки
10 милиони шишиња и лименки се собрани во повратните вендинг машини на Пакомак од нивното поставување во 2021 година. Оваа информација ја споделија од Пакомак, првата и водечка компанија за управување, селекција и рециклирање на отпадната амбалажа во Македонија.
– Ова е голем успех на сите наши сограѓани! Среќни сме што за 3 години ја постигнавме оваа бројка. Собраните шишиња и лименки во вендинг машините се чист отпад кој потоа може да се рециклира и повторно да се искористи за добивање на пластично шише за пијалок. Важно е дека граѓаните ја препознаваат потребата за паметно управување со отпадот и дека одвојуваат од своето време за рециклирање. Во оваа прилика, изразуваме голема благодарност до Швајцарската Амбасада за долгогодишната и континуирана поддршка за нашите заложби, изјавија од Пакомак.
Пластичните шишиња и лименки кои се одложуваат во повратните вендинг машини можат повторно да се рециклираат во амбалажа. Имено, ПЕТ пластичното шише може да се рециклира и тој материјал да се искористи за производство на исто такво шише, а со тоа се заштедува околу 60% од емисиите на СО2. Тоа се најновите ЕУ стандарди на циркуларната економија и барања кои што треба и ние да ги практикуваме, односно од пластично ПЕТ шише повторно да добиеме ПЕТ шише за иста намена со цел што е можно помалку да користиме материјали од природата за производство на амбалажата.




