Актуелно
Дедомразовска трка во Скопје
Во центарот на Скопје денеска ќе се одржи Дедомразовска трка, како дел од празничната новогодишна програма на градот. Почетокот е напладне, во 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот.
Патеката по која ќе се трча почнува од плоштадот „Македонија“ кон портата „Македонија“, па во правец на Градската болница, новата зграда на МНР по мостот кај „Холидеј Ин“, покрај кејот на Вардар кон Археолошкиот музеј, плоштадот „Филип Втори“, Камениот мост, до целта на плоштадот „Македонија“.
Учеството во трката чини 199 денари, а секој натпреварувач добива стартен број и новогодишна капа. За првите 250 пријавени следува целосен дедомразовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада. Учесниците кои немаат дедомразовски костум, треба да носат новогодишна капа и да бидат облечени во облека во црвена боја.



