Вести
Денеска се празнува Света Петка – Летна
Денеска се празнува Света преподобна маченица Параскева-Света Петка, 8.VIII/26.VII.
Култот кон Света Петка – Летна кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести.
Во православниот каландар постојат три личности со исто име Света Параскева – Петка, поради што кај народот најчесто се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Првата е Света Петка – Римјанка, втората Света Петка од Иконија и третата Света Петка Епиватска, позната и како Трновска. Најпозната меѓу нив е третата на која празникот, познат под името Петковден и се празнува на 27/14 октомври, и поради тоа и другите две се идентификуваат со неа. Ефтим Спространов во записите на обичаи и верувања од Охрид сведочи дека се правело разлика меѓу Петковден, празникот во октомври и света Петка од 26 јули (стар стил). Тој уште сведочи дека на овој ден од градот и од селата оделе на манастирот посветен на Света Петка во близината на Охрид.



