Актуелно
Денови на медот: Да се купува мед само од сертифицирани производители
Професионализација и едукација на пчеларите за комерцијално производство, користење селектиран репроматеријал и воведување организирано опрашување со пчели на земјоделските култури како редовна агротехничка мерка, се само дел од предвидените активности на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) за поголемо и поквалитетно производство на мед.
Како што беше речено денеска на отворањето на годинашната 11. манифестација Денови на медот, чиј покровител е МЗШВ, ќе се интензивира и селидбеното пчеларење за подобро искористување на медоносните растенија, што е исто така во насока на поголема продукција.
На штандовите поставени на улицата „Македонија“, освен различни типови мед од преку 30 домашни производители, посетителите можат да дегустираат и да купат матичен млеч, полен, прополис, пчелин отров и восок. Има и мед за пушачи, како и мед за слабеење.






