Вести
ДИК бара граѓаните сами да ги проверат податоците во Избирачкиот список
Граѓаните да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список за време на јавниот увид за есенскиот референдум што трае до 23 август, повика Државната изборна комисија (ДИК) по забелешките во јавноста дека во Избирачкиот список се уште има фантоми, починати лица и други неправилности. Од ДИК нагласуваат дека промените во Избирачкиот список граѓаните може да ги направат само со поднесување соодветна документација.
Единствен начин за да се решат проблемите е постојано ажурирање на Избирачкиот список.
– ДИК во соработка со МВР и со Државниот завод за статистика ќе мора постојано да ги ажурира ваквите промени, а апелираме до граѓаните бидејќи тие најчесто ги прават промените постојано, како менување на брачен статус, пријавување и одјавување во државјанство… тие се појавите што најчесто претставуваат проблем. Лицата имаат законска обврска 15 дена да ја пријават промената, меѓутоа, сите ние вклучувајќи ме и мене и вас не го правиме тоа навремено, вели претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.



