Вести
Дождовите предизвикаа зголемен водостој на реките и го отежнаа сообраќајот
Врнежите од дожд кои во изминатите денови ја зафатија Македонија предизвикаа зголемување на водостојот на реките и го отежнаа сообраќајот на неколку патни правци.
Од УХРМ соопштија дека исклучиво висок водостој утринава е измерен на реката Треска, односно на хидролошката станица во Македонски Брод каде нивото на реката е повисоко за 50 сантиметри во однос на вчерашниот ден. Зголемен водостој за 50 сантиметри има и кај реката Пчиња, како и кај реката Боротинска каде денеска нивото е зголемено за повеќе од 200 сантиметри. Исто така висок е водостојот и на реката Радика, Сатеска, Голема, Црна Река и Крива Река, како и на реката Вардар во горниот тек и во Скопје.
Во текот на денешниот ден повторно се очекуваат врнежи од дожд, така што, како што посочуваат од УХРМ, водостоите на реките и понатаму ќе останат високи.



