Актуелно
Дунавка Трифуновска, Катица Јанева и Тања Каракамишева дел од „театарот под маски“ во Вевчани
Милитантната терористичка организација Вевчански – ИСИС, прислушкувањето и странските разузнавачки служби, тајната фабрика за лични карти, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со тимот, професорката Тања Каракамишева…, беа највпечатливите маски на овогодинашниот Вевчански карневал.
Покрај традиционалните зет, невеста, ѓаволите и глупавите Август, низ вевчанските улици се исмејуваа и актуелните политички случувања, кои ја одбележаа годината што измина, владини проекти, опозициски гафови. Не помалку внимание привлекоа и маските на познатиот светски готвач Џејми Оливер, чудовишта, вампири, пекари, слаткари…, а не изостанаа и шегите за „облечените“ палми и македонската мисица Дунавка Трифуновска.
Многубројните гости повторно ја доживеаја 15 вековната магија, во која вевчанци ги отсликуваат своите видувања на настаните што ја одбележаа реалноста во земјава и светот. Тие уживаа во шегите, довикувањата, ведриот дух и позитивната енергија на квасиличарите. Карактериситчно за манифестацијата е што никој никому не се лути, бидејќи ова се денови на мајтап во Вевчани.









