Вести
Двајца повредени и седум приведени по натпреварот Вардар-Шкупи
Две 15-годишни момчиња од Скопје и Кичево, вчера во 13 и 30 часот, биле физички нападнати од група од 20 до 30 лица, најверојатно навивачи на ФК „Шкупи“, во близина на „Академија Вардар“.
Настанот е пријавен синоќа во 19 часот во Полициската станица – Центар од страна на М.Ж. (73) од селото Сопиште, Скопско и О.К. (45) од Кичево, чиј внук, односно син биле нападнати.
Како што пријавиле во МВР, во наведеното време малолетниците излегле од спортската сала „Кале“ и се упатиле кон „Градски парк“. Во непосредна близина на „Академија Вардар“ забележале дека зад нив се движела групата. При разминување едно лице од групата со тупаница го удрило внукот на М.Ж. во пределот на лицето, додека неколку други лица физички го нападнале синот на О.К., удирајќи го со нозе и раце во пределот на главата и телото. Малолетниците забележале дека едно од лицата имало нож во рака, а повеќе други лица имале метални шипки на расклопување, кои не ги употребиле.



