Шоубиз
Историски концерт во Рио: Лејди Гага настапи пред повеќе од 2 милиони луѓе, полицијата спречила бомбашки напад
Викендов, Лејди Гага одржа бесплатен концерт на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро, каде што, според градските власти, се собрале повеќе од два милиони луѓе.
Имено, тоа е нејзиниот најголем концерт досега, кој беше целосно финансиран од градот како дел од иницијативата за стимулирање на локалната економија, а се проценува дека настанот би можел да донесе приход од околу 100 милиони долари.
Концертот беше дел од промотивната турнеја за нејзиниот осми студиски албум „Mayhem“, на кој веќе се најдоа хитовите „Abracadabra“ и „Die With a Smile“. Бидејќи Гага не настапила во Бразил од 2012 година, многу обожаватели – познати како „Little Monsters“ – почнаа да се собираат од раните утрински часови, трпеливо чекајќи во долги редици да ги заземат своите места во оградениот дел од плажата.
За безбедноста на настанот беа ангажирани околу 5.000 полицајци. Посетителите мораа да поминат низ детектори за метал, додека дополнителните безбедносни мерки вклучуваа употреба на дронови и камери за препознавање лица. Лејди Гага не е првата голема ѕвезда што одржа бесплатен концерт на Копакабана – а бројката на посетители веднаш била споредена со легендарниот концерт на Мадона, одржан минатата година на истото место, каде според истражувањата имало околу 1.6 милиони луѓе.
Во текот на вечерта, таа неколку пати ги менуваше костимите инспирирани од боите и симболите на бразилската фудбалска репрезентација, додека публиката ентузијастички ги пееше хитовите како „Alejandro“, „Poker Face“ и „Abracadabra“. Таа го заврши настапот со култната песна „Bad Romance“.
Следниот ден бразилската полиција објави дека спречила планиран терористички напад на концертот на поп-иконата Лејди Гага. Цивилната полиција на државата Рио де Жанеиро, во соработка со Министерството за правда, објави дека нападот е организиран од група која шири говор на омраза и поттикнува радикализација кај тинејџерите, промовирајќи самоповредување и насилна содржина како форма на социјална припадност. „Осомничените регрутирале учесници, вклучувајќи и малолетници, за координирани напади со употреба на импровизирани експлозиви и молотови коктели“, соопшти полицијата.
Акцијата на полицијата, наречена „Операција Лажен Монструм“ (Operation Fake Monster), поигрувајќи се со прекарот на нејзините фанови, резултираше со апсење на еден маж и еден тинејџер. Истражителите откриле дека групата планирала да изведе напад за да добие внимание на социјалните мрежи. Според извештаите на Globo News, цел на нападот биле деца и припадници на ЛГБТ+ заедницата, а групата ширела говор на омраза и објавувала насилна содржина.
Наводниот организатор на нападот, додаваат од полицијата, е уапсен за нелегално поседување огнено оружје во јужната држава Рио Гранде до Сул, додека тинејџерот е приведен за складирање детска порнографија во Рио.




