Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Фестивалот „Браќа Манаки“ од 18 до 27 септември во Битола

Актуелно

Фестивалот „Браќа Манаки“ од 18 до 27 септември во Битола

ИФФК „Браќа Манаки“ и официјалниот партнер Вип оператор денеска ги објавија имињата на тројцата лауреати на Наградата за животно дело─Златна камера 300. Имено , првпат во долгата историја на Фестивалот, кој годинава се одржува 36-ти пат, дури три светски имиња ќе се закитат со најголемата награда на нашиот Фестивал.

Во клубот на великаните на Фестивалот ќе влезат кинематограферите: Јаромир Шофр, Ришард Ленчевски и Божидар-Бота Николиќ. Лауреатите на денешната средба ги соопшти директорот на Фестивалот, Димитар Николов, кој воедно и образложи зошто токму тројца добитници на врвната награда има годинава.

─Размислувавме да наградиме кинематографер што дал особен придонес во развојот на филмската уметност, а да доаѓа од Централна или Источна Европа. Застанавме на три големи кинематограферски имиња кои дале огромен придонес во развојот на филмската естетика, секој, се разбира, на свој начин и со свој специфичен визуелен јазик. Сите ни беа толку големи и важни, што не можевме да се решиме само за еден. Мислам дека сите тие заслужиле да го понесат највисокото признание на нашиот Фестивал, а она што посебно не израдува е фактот дека сите со воодушевување ја прифатија идејата да бидат годинешни носители на Наградата Златна Камера 300 за животно дело – рече Николов.

Краток осврт кон кинематограферските величини даде уметничкиот директор на Фестивалот Благоја Куновски-Доре.

─Шофр е од редовите на со традиција богатата чешка кинематографија. Во Клубот на великаните на Фестивалот Браќа Манаки им се придружува на претходните лауреати: генерацискиот другар Јиржи Менцел (добитник на Специјалната златна камера 300, во 2000 година) и кинематограферот Мирослав Ондричек (Златна камера 300 за животно дело; тандемскиот партнер на Милош Форман). Инаку, Шофр со нашиот Фестивал има претходни значајни врски: во 2000 година беше претседател на Интернационалното жири, a во 2007 година ја доби Златната камера 300 за филмот „Му служев на англискиот крал“. Ришард Ленчевски е еден од големата плејада полски кинематографери-лауреати на нашиот Фестивал. Тој е меѓу најнаградуваните во аналите на Фестивалот „Браќа Манаки“ , со учества во главниот натпреварувачки дел, со досега освоени три награди : „Златна камера 300“ во 2001 година за „Последното прибежиште“, „Бронзена камера 300“ за филмот „Моето љубовно лето“ во 2005 година, и „Сребрена камера 300“ во 2014-та за со Оскар закитениот „Ида“. Сите три филма се во режија на Павел Павликовски. По сето тоа, тој неодоливо се наметна и сега станува лауреат на Златната камера 300 за животно дело; нов припадник во клубот на великаните, покрај ветераните: Јежи Вујчик и Витолд Собочински. Николиќ – рече Куновски и додаде дека Николиќ не е избран за лауреат само заради тоа што доаѓа од соседна земја, ами затоа што заслужува да биде во клубот на великаните.

IMG_0499

Куновски истакна дека Ленчевски (како претседател) и Николиќ ( како член) ќе бидат дел од меѓународното жири, заедно со: Ерџан Кесал ( сценарист и актер од Турција), Хајет Бенкара (продуцентка и организатор на светски фестивали), и нашиот режисер и сценарист Митко Панов. Неговиот филм „Со кренати раце“, добитник на „Мала златна палма“ во Кан, е меѓу десетте најдобри кратки филмови во историјата на филмот, истакна Доре.

Присутните на прес-конференцијата ги поздрави и претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија, Роберт Насков.

─Оваа година имаме многу нови работи: нов директор, нови програми, нови места за проекција, ново времетраење на фестивалот. Новите работи носат нова енергија, нова атмосфера. Да направиме сите заедно деновите за време на фестивалот да бидат нови и празнични. Од името на ДФРМ, посакувам убаво ново издание на фестивалот – истакна Насков.

На денешната средба беа претставени креативните решенија и официјалните плакати за 36.издание на фестивалот, кои се дело на маркетинг-агенцијата „Меккен Скопје“. Беа промовирани двата официјални плакати, од кои едниот се однесува на Вип детската програма. Според Николов, многу е важно вниманието што фестивалот го посветува на детската публика, која на страна на сите лаптопи, телефони и други уреди, ќе може да ја види разликата во тоа како е да се гледа филм на големо платно. Мотото на детската програма ќе биде „Големо платно, голема разлика“.

Директорот ги претстави и статуетките за наградите во двете нови програми – „Нов европски филм“ и „СЕЕ Камера“. Најдобриот режисер и кинематографер во „Нов европски филм“ ќе ја добијат наградата „Бона Деа“, изработена според оригиналната скулптура пронајдена на Хераклеја.

-За жал, оригиналот се наоѓа во Лондон, а на ваков начин и симболично ќе провоцираме и заради состојбите со нашето културно наследство. Статуетката „Златен Манаки“ е инспирирана од новото лого на фестивалот, што го изработи маркетинг-агенцијата „Њу момент“. Статуетките ни се спонзорство од „РЖ Институт“ од Скопје – рече Николов.

Николов истакна дека особено е важна соработката со сите државни универзитети од ЈИЕ регионот, од каде во Битола ќе дојдат околу 60 студенти, кои ќе учествуваат на многу работилници и ќе бидат дел од сите активности. Од ОФФ програмата ќе имаме изложба на фотографии на браќата Манаки, што ја подготви Роберт Јанкулоски. Ќе ја промовираме книгата „Само сонот е јаве“ на Илинденка Петрушева. Фестивалот во соработка со една од најреномираните светски институции и филмски фондови за подршка на нови таленти „Торино филм лаб„ ќе организира четиридневна регионална работилница за развој на четири сценарија. Студентската програма годинава ќе биде под закрила на новиот спонзор „Еуролинк осигурување“ и Американската амбасада во земјава.

Покрај официјалниот партнер на Фестивалот, Вип оператор, нови пријатели ни се и „БиМилк“, како генерален спонзор и главен спонзор на ОФФ програмата, „Пелистерка“,„Прилепска пивара“ кои годинава се вклучија многу поактивно во поддршка на Фестивалот.

Годинава ќе промовираме и два нови тематски пристапи кон филмот. Едната е „Земја во фокус“, а тоа ќе биде Мексико, а другата е─во соработка со реномираниот агент за продажба од Франција „Вајд“─програма на провокативни светски дела на млади автори од целиот свет наречена “Ај он филмс“ .

Во ОФФ програмата ќе имаме многу концерти и забави, меѓу кои и на групата „Љубојна“ и нивниот гостин Џамбо Агушев, „Фолтин“, оперската пејачка Симона Петровска во соработка со Игор Новоградска─ќе изведат познати арии и композиции што оставиле печат на филмското платно.

Ќе има и многу други настани, од кои би ги издвоиле : “Филмови бабам филмови“ и “Астални проекции“, со млади урбани поети. Николов упати особена благодарност до сите битолски кафулиња и ресторани кои го ставија своето работење во функција на Фестивалот. Нагласи дека без поддршката од општината Битола и од Агенцијата за филм и Министерството за култура, не би можеле да замислиме фестивак каков што сакаме да понудиме.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.