Актуелно
ФОТОГАЛЕРИЈА: Пуштен во сообраќај новиот електромоторен воз
Со промотивно возење на релацијата Скопје – Велес денеска e пуштен во сообраќај нов електромоторен воз на Македонски железници АД Транспорт, набавен од кинеската компанија ЦРРЦ, прв од шесте патнички возови набавени со владиниот проект за обнова на возниот парк на железницата.
Новиот воз е со капацитет за 200 патници, со електронска табла за управување, камери наместо ретровизори, монитори за кабината на машиновозачот, климатизирани вагони, електронски дисплеи за означување на станиците, вакуум-тоалети…Изработен е согласно техничките стандарди за интероперабилност на ЕУ.
– Тековните проекти за купување нови возови и вагони, за реновирање на железничките станици, на халите за одржување, како и за обнова и изградба на нови железнички пруги, посочи премиерот, претставуваат вкупна инвестиција вредна 600 милиони евра. Вакви капитални инвестиции во Железницата не се направени повеќе од 30 години наназад. Со истото темпо продолжуваме и во наредниот период, рече премиерот Никола Груевски. Со вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за транспорт Владо Мисајловски, претставници на кинеската компанија и на МЖ Транспорт и кинескиот амбасадор во Македонија Вен Жен Шун беа меѓу првите патници на промотивното возење.



