Актуелно
ФОТОГАЛЕРИЈА: Започна прскањето на градските сообраќајници со Калциум Магнезиум Ацетат
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска на крстосницата на булеварот Свети Климент Охридски со улицата Свети Кирил и Методиј изврши увид на почетокот на процесот на третирање на градските сообраќајници со средството Калциум Магнезиум Ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.
– Градот Скопје преку ЈП „Комунална хигиена“ за прв пат го почнува процесот со третирање на градските сообраќајници со средството калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух. На почетокот од овој процес се опфатени неколку градски сообраќајници – булеварот Свети Климент Охридски и улиците Свети Кирил и Методиј и Јордан Мијалков, а предвидено е да се прска и на други градски сообраќајници. За реализација на овој процес, ЈП „Комунална хигиена“ специјално адпатираше 6 од новите возила. Ова средство се користи во повеќе европски градови, меѓу кои Лондон, Барселона и Виена. Искуствата од европските градови каде што се користи ова средство укажуваат дека со негово аплицирање потенцијалот за намалување на прашината е од 10 до 30 проценти, изјави Градоначалникот Трајановски.
Станува збор за средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата.





