Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ГОДИНА СО ПРЕДИЗВИЦИ: Македонија слави 27 години самостојност

Вести

ГОДИНА СО ПРЕДИЗВИЦИ: Македонија слави 27 години самостојност

Македонија денеска одбележува 27 години од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Годинава, празникот се слави во нови услови со јунскиот Договор од Преспа за конечно надминување на повеќедеценискиот спор за името со Република Грција и во пресрет на новиот референдум за прифаќање на овој договор и членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Новиот референдум закажан на 30 септември, за многумина, ќе ја има истата тежина како и првиот од 1991 година.

На референдумот во 1991 година над 95 отсто од граѓаните што излегоа да гласаат позитивно одговорија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот и конечно по повеќедецениски преговори, годинава на 17 јуни беше потпишан договор меѓу двете држави за решавање на спорот со името.

Во изминатите 27 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури. И политичката криза последните години предизвика застој во процесот на евроинтеграциите, која беше надмината со Договорот од Пржино, декемвриските парламентарни избори и формирањето на ново владејачко мнозинство.

И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО, на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го блокира приемот. Сега, со позитивното изјаснување на претстојниот референдум, Македонија има шанса да стане 30. полноправна членка на НАТО.

Во 2005 година Македонија доби статус на земја – кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и во наредните години. Грција, по примерот со НАТО, тогаш ја блокираше македонската евроинтеграција, но со потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името, на Самитот на ЕУ во јуни Македонија доби условена препорака за отпочнување преговори.

По повод Денот на независноста денеска собраниска делегација на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на Република Македонија, Киро Глигоров и Борис Трајковски и на споменикот „Ослободители на Скопје“.

Во Собранието на Република Македонија ќе биде врачена државната награда „8 Септември“ која се доделува во две категории – за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот. Наградата за животно дело ќе му биде доделена на Таки Џиков, а признанија за остварувања во областа на спортот ќе им бидат врачени на Стефан Гешовски, Сашко Арсовски, Владимир Радиќ и Ристо Таков. Државната награда за животно дело претставува спортска пензија која му се исплаќа на носителот до крајот на животот, додека останатите четири државни признанија претставуваат еднократна исплата во износ на десет просечни плати во Република Македонија.

Централната прослава по повод Денот на независноста ќе се одржи вечер со забава на отворено во дворот на Владата. Најмладите со нивните семејства ќе се забавуваат со програмата што за нив ја подготвува Петко и 5+ Бенд.

Во забавно-музичкиот дел за возрасните ќе настапат Огнен Узуновски-Оги со диџеј сет, оркестарот на Македонската филхармонија заедно со Тамара и Тијана кои ќе ги изведат најубавите македонски евергрини. Ќе настапат Македонската филхармонија и маестро Џијан Емин со проектот „Оригинатор“ на продуцентот на електронска музика, Хуан Аткинс. Во завршницата на музичката програма ќе настапи и познатиот домашен диџеј Феки Фарис.

Најавено е  обраќање на премиерот Зоран Заев.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Вести

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.