Актуелно
Иванов донесе одлука за прекинување на сите постапки против политичари
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска објави дека донел одлука да потпише аболиција за сите политичари против кои се води истрага, против кои е покренато обвинение, како и за еден политичар кој издржува затворска казна.
Во обраќањето до граѓаните, Иванов нагласи дека одлуката ја донел во интерес на државата и на нацијата со цел да и стави крај на политичката криза.
– Со намера да придонесам во решавањето на кризата и релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи, а свесен за последиците за државата и граѓаните ако ништо не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последициите врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија, истакна Иванов.



