Јован Јованов: Ме осомничија за компјутерски криминал, а цела естрада се научи да гласа со купени картички
Композиторот и продуцент Јован Јованов неколку години живее во Канада. Деновиве е во Скопје. Вели имал малку луфта овој период па можел да дојде. Првпат беше гостин во студот на „Репортер“, па со него зборувавме сешто.
„Кога сум во Канада, ми фалат пријателите од Скопје. Да можам да ги преселам сите таму блиски, ќе биде супер. А, кога ќе дојдам во Скопје, уште од аеродром ме нервира менувачот на колата затоа што е мануелен, па семафорите кои кратко траат и на крај бандерите кои светкаат ко жижици. Ваму во Канада сè блешти“, искрен е Јованов во разговорот за „Репортер“.
Отсекогаш сакал да живее во Холивуд, ама доби иселеничка виза за Канада. Замина пред девет години со сопругата и ќерката. Таму живее пристоен живот. Се дружи со музичари, има свое студио, работи и на филмска музика, беше номиниран за награди за најдобар продуцент во Холивуд.




