Актуелно
Иванов: Сега е момент за хуманост
Превртени, заглавени и оштетени возила, целосно уништен род, наноси земја и свлечишта по патиштата, вода во домовите и подрумите, е сликата во најкритичните точки близу скопската обиколница кои беа најпогодени од синоќешното невреме.
Увид во состојбите попладнево направи претседателот на државата и врховен командант Ѓорѓе Иванов, придружуван од началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, скопскиот градоначалник Коце Трајановски, градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, како и од претставници на полицијата.
Тие го информираа дека најевидентни се штетите во Стајковци и Црешово, каде е во прекин и дел од обиколницата. Банкината наместа е искривена, а неколку метри се вози по наноси земја, наместо по асфалт. Механизацијата е максимално ангажирана за расчистување на теренот со цел обезбедување непречено движење на возилата и населението.



