Данела Арсовска: Јас не се кандидирам за политичар, јас се кандидирам за менаџер на градот!
Скопје ќе биде европска метропола со сообраќаен ред, брз и ефикасен јавен превоз, со паркови и културен живот кој пулсира од сите страни на овој град. Ова е Скопје што го сакам, ова е Скопје што го заслужуваме, изјави Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник на Скопје на денешната прес конференција со која го означи почетокот на нејзината изборна кампања.
„Денеска ја започнувам својата трка да станам првата жена градоначалник на Скопје, првата жена независен градоначалник на Скопје. На Скопје не му треба повеќе партиска политика, на Скопје не му треба повеќе поделба. На Скопје му треба менаџер кој ќе се грижи за потребите на граѓаните и ќе го придвижи нашиот град напред. Не со празна демагогија и утопија, туку со посветеност, напорна работа и професионализам. Јас сум подготвена. Имам тим и имам план. Јас не сум личност која верува во празни ветувања и утописки проекти кои никогаш нема да станат реални. Јас сум жена која верува на фактите, на бројките и верува во вистински решенија. Верувам во брзи и сигурни решенија кои ќе го променат нашиот град на подобро, кои ќе го подобрат животот на сите граѓани”, дополни таа.
Таа го претстави планот за модерно Скопје кој содржи 15+1 главни проекти за Скопје содржани во нејзината изборна програма со проекти кои ќе го подобрат секојдневниот живот на скопјани.
„Од заживување на Скопје како културно жариште, до одржливо решение за сообраќај и паркирање. Од нов урбанистички план со кој ќе се запре неконтролираната градба, ќе се зачува зеленилото и ќе се создадат нови паркови, до градска администрација која ќе биде целосно во функција за граѓаните. Ќе имплементирам реални проекти кои ќе имаат вистински придобивки за граѓаните. Ќе воведеме бесплатен јавен превоз. Ќе го оживееме културниот живот. Ќе го направиме Скопје град на фестивали – со по еден голем фестивал секој месец. Ќе го заштитаме нашето зеленило и нашата природа, но ќе градиме и нови големи паркови и рекреативни области во секоја скопска општина, онаму каде што и никој до сега не помислил. И ќе го вратиме сјајот на сите заборавени места низ нашиот град. За сите наши села што го опкружуваат градот, ќе ја доведеме инфраструктурата по модел на модерни и функционални патишта, ќе овозможам подобар јавен превоз и иницијатива за заживување на селските центри”, изјави Арсовска во своето обраќање.




