Вести
Македонија под топлотен бран со тропски температури
Подрачјето на Македонија од денеска постепено ќе потпадне под влијание на многу топла воздушна маса од југ, која во наредните денови ќе услови повисоки дневни температури од просекот за овој период од годината.
Како што соопшти УХМР, особено топло ќе биде в понеделник и вторник кога на повеќе места температурата ќе надмине 34, а во југоисточните делови можно е да достигне и до 38 степени. УВ индексот ќе има вредност меѓу 8 и 9.
За заштита од топлотниот бран Црвениот крст на град Скопје подготви акциски план кој опфаќа теренски активности. Како што информираат оттаму, согласно искуството од претходните години предвидено е мобилни екипи составени од лекар или парамедик да патролираат низ градот, да дистрибуираат вода и флаери со совети. Воедено ќе го мерат притисокот на граѓаните кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи ќе биде обезбеден и транспорт.



