Вести
МАНУ: Матеја Матевски, човек-епоха во македонската поезија
Една од најмаркантните и најстамените фигури на современата македонска поезија, човек со фасцинантна уметничка ерудиција кој зад себе остави грандиозно дело, раскошна дарба и талент што од него направија величина која ги надмина границите на нашата земја, истакна претседателот на МАНУ Таки Фити на комеморацијата за академик Матеја Матевски што претпладнево ја организираа Македонската академија на науките и уметностите и Факултетот за драмски уметности.
– Тој беше човек-епоха во македонската поезија. Но не беше само вонсериски поет и интелектуалец, академик и општественик, туку и благороден човек со големо срце, со интелектуална мудрост, промисленост, смиреност и толерантност што фасцинираше. Со импозантниот број престижни национални и меѓународни награди и неговото членство во десет странски академии и научни друштва, академик Матевски беше и ќе отане гордост на својата земја, на МАНУ, на неговото семејство, пријателите и почитувачите, истакна претседателот на МАНУ.
Фити подвлече и дека Матевски ја раководел Академијата во тежок и турбулентен период за земјата и Академијата (2001-2003) кога на МАНУ и бил потребен човек со интелектуални способности и човечки доблести кои, како што рече, му беа иманентни токкму на нашиот Матеја Матевски.



