Актуелно
Меѓународен ден на жената – 8 Март
Во Македонија денеска се одбележува Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Тоа е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.
По тој повод, Музејот на македонската борба организира специјална програма под мотото „Жената борец за слобода и македонска државност“. Низ потсетување на животниот пат на жените кои се бореле за слободата и државноста на Република Македонија Музејот ќе им оддаде почит на неколку жени револуционерки од НОБ во Македонија – Вера Јоциќ, Жамила Колономос, Ибе Паликуќа, Вера Циривири-Трена и Мирка Гинова.
Празникот ќе биде одбележан и од Културно-информативниот центар „Култура 365“ од Охрид, кој организира акција „Книга за секоја жена“. Женската секција при Конфедерацијата на слободни синдикати ќе го одбележи празникот со делење флаери со кои ќе ги информира граѓаните зошто е потребно синдикално да се организираат. АМСМ организира трибина на тема „Жената-фактор за поголема безбедност во сообраќајот“. Сојузот на стопански комори, Здружението на бизнис жени и Бизнис конфередерација на Македонија организираат настан на тема „Жени на лидерски позиции: Предизвици и стратегија за нивно надминување“.



