Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

МОН: Полагањето државна матура ќе продолжи и оваа учебна година

Актуелно

МОН: Полагањето државна матура ќе продолжи и оваа учебна година

Министерството за образование и наука соопшти дека полагањето државна матура, како процес на верификација на стекнатото знаење во средното образование и предуслов за продолжување во високо образование, ќе продолжи да се имплементира и во оваа учебна 2014/2015 година, при што ќе ја опфати осмата генерација матуранти.

Од МОН информираат дека ќе продолжи да се имплементира и процесот на екстерното тестирање, со кој веќе 3 години се проверуваат постигнувањата на знаењата на учениците и објективноста на оценувањето на наставниците и кој како пракса, постои во најголем дел од земјите-членки на Европската унија.

Во изминатиот период, стои во соопштението, Владата реализираше интензивни контакти и средби со дел од засегнатите групи во рамки на споменатите процеси и реформи, а во врска со извесни посочени предизвици при нивната имплементација. Почитувајќи ги нивните најдобри интереси, беа донесени неколку конструктивни, суштински одлуки, односно беше одлучено и натаму да продолжи примената на досегашната Концепција за државна матура и завршен испит, да се врати стариот модел на полагање државна матура, полагањето на тестовите да се врши единствено во писмена форма и предметот математика да биде алтернативен за сите ученици.

Веќе од утре ќе почне и пријавувањето на матурантите за полагањето на државната матура по стариот модел, додека по однос на екстерното тестирање, согласно досегашната пракса, во следните денови ќе биде објавен и јавниот базен со прашања по сите предмети за оваа учебна година.

Цениме дека реалните и издржани барања претставени за време на средбите се исполнети. Оттука, апелираме до сите ученици кои ја бојкотираат наставата, да не наседнуваат на какви било манипулации и да се вратат во училишните клупи за да продолжат со извршување на нивните училишни обврски кои произлегуваат од реализацијата на наставните планови и програми. Согласно законските прописи и Календарот за организација на учебната 2014/2015 година, во завршната година на средното образование се остваруваат најмалку 166 наставни денови, а за сите останати години на образование се остваруваат најмалку 180 наставни денови, се вели во соопштението.

Неоправданото отсуство од настава е сериозен ризик кој го доведува во прашање воспитно образовниот процес и правилното насочување на учениците. Дополнително, матурантите кои ја бојкотираат наставата и полагањето на државната матура, го доведуваат во прашање личното право за продолжување на високото образование, односно уписот на факултет, а одговорноста е подеднакво голема како за менаџментот на училиштата, така и за наставниците, но пред сé за родителите.

Од МОН апелираат и до сите останати општествени чинители, кои во средношколците гледаат инструмент за остварување на лични агенди, наместо манипулација, злоупотреба и поддршка на бојкотот, да придонесат кон заложбите за градењето на поквалитетен образовен систем на сите нивоа, што впрочем и треба да биде наша заедничка и единствена цел.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.