Вести
МВР изведе вежба со напад на пловен објект во Охридското Езеро
Припадниците на Единицата за специјални задачи, езерската полиција и хеликоптерската единица денеска, во рамки на одбележувањето на 7 Мај-Денот на македонската полиција, презентираа дел од своите професионални можности. Тие изведоа тактичко-показна вежба со напад на пловен објект поради совладување и лишување од слобода на опасни лица.
На вежбата во Охрид присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Во Охрид денеска, по многу години, се изведе една тактичко-показна вежба во која ги покажаа своите можности и капацитети Единицата за специјални задачи, хеликоптерската единица и езерската полиција. Можеа да се видат сите можности на македонските полицајци, пред се на специјалните единици и со тоа да покажеме дека сме подготвени да одговориме на било каков предизвик кој може да ја загрози безбедноста на Република Македонија, рече министерот Спасовски.



