Град Скопје ја презентираше новата противпожарна скала (ГАЛЕРИЈА)
Противпожарната бригада на Град Скопје заедно со припадници на специјалните единици на МВР денеска во центарот на Скопје ја презентираа новата противпожарна скала. На презентацијата на перформансите на првата повеќенаменска противпожарна скала во Скопје и РСМ присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче.
– Скопје од денес е побогато за ново специјализирано возило – 45 метарска противпожарна скала каква што досега немало во историјата на Република Северна Македонија. Оваа презентација ја организиравме со цел граѓаните на Скопје да можат визуелно да се запознаат со дел од перформансите кои ова возило ги нуди, а тоа пак е многу важно затоа што тоа ќе значи многу спасени животи и на нашите сограѓани, но и на хероите на градот, припадниците на скопската противпожарна бригада. Ве уверувам дека ова возило со опремата која ја поседува ги задоволува најновите безбедносни стандарди за заштита при спасување од пожари, но и од други непогоди со кои се справуваат единиците на противпожарната бригада. Противпожарната бригада на Град Скопје е првата во државата, но и во регионот, која може валидно да учествува во сите НАТО вежби како добро опремена и добро екипирана противпожарна бригада. Од денеска конечно ќе можеме брзо и ефикасно да ги спасиме и сите граѓани кои живеат и повисоко од 5-ти кат на скопските висококатници, што за жал тоа досега беше многу тешко изводливо, на граница на невозможно. Човечкиот живот нема цена и затоа безбедноста на нашите сограѓани ја ставивме на прво место. Од срце посакувам освен за вежби да не мораме никогаш да ја искористиме, но животот понекогаш носи и ситуации кога недостатокот на опрема го плаќаме со човечки животи. Е тоа како човек и како градоначалник нема да го дозволам. Моите сограѓани од денес ќе можат мирно да спијат, не плашејќи се дали ќе преживеат евентуален пожар на 8-ми или 9-ти спрат од зградата во која живеат – рече градоначаникот Шилегов.
