Вести
МВР постапува по пријавите за изборни нерегуларности
Министерството за внатрешни работи веќе постапува по одредени пријави за изборни нерегуларности.
Како што соопшти полицијата, вчера во СВР Струмица, Г.К. (46) од Ново Село, струмичко, пријавил кривично дело „повреда на слобода на определување на избирачите“ од страна на лицата С.М. и П.Г. од истото село. Двајцата на 05.12.2016 година дошле во неговиот дом и му се заканувале дека ќе му ја укинат социјалната помош и дека ќе го убијат доколку не им ја даде личната карта. Тој се исплашил и им ја дал личната карта. За настанот се пожалил на познаник од Струмица, кој го упатил во СВР да го пријави случајот. Како што соопшти МВР, за настанот било запознато Основното јавно обвинителство Струмица, а СВР презема мерки за целосно расчистување на случајот.
Ноќеска на полноќ полициски службеници од Охрид, при обиколка на изборно место број 1.296, лоцирано во село Велестово, забележале дека не била заклучена десната влезна врата од трпезаријата од црквата „Пресвета Богородица“, каде се наоѓал избирачкиот материјал. На местото излегол претседателот на Избирачкиот одбор, кој кажал дека има клуч само од едната (лева) врата и дека при заминување не проверил дали десната врата е заклучена. По консултација со советникот од оперативниот штаб во МВР, на претседателот на Избирачкиот одбор му било укажано, доколку со членовите на избирачкиот одбор констатираат недостатоци или уништување на избирачки материјал веднаш да информираат за преземање понатамошни мерки.



