Актуелно
Невреме предизвика два пожари во Крива Паланка
Невремето проследено со силен ветар, грмотевици и молњи што попладнево ја зафати Крива Паланка предизвика два пожари кои се случија речиси истовремено. Едниот се случи во селото Киселица,а другиот во селото Конопница.
Командирот на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски информира дека двата пожари се настанати од силното невреме.
– Во селото Киселица според дојавата на жителите од електрично празнење се запалила сува трева при што зафатени се и борова и дабова шума. Интервенираа две противпожарни екипи со две возила и четири пожарникари. Опожарени се вкупно околу три хектари сува трева и шума. Во селото Конопница, пак, во маало Трнци, спој на електричните кабли кој настанал од силниот ветар запалил сува трева. На оваа локација интервенираа тројца пожарникари. Пожарот зафати околу еден хектар сува трева, изјави Коцевски.



