Вести
Од викендов на Водно само со автобусите на ЈСП
Од викендов се воведува забрана за движење моторни возила на патот до Средно Водно. Забраната ќе важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно.
– Забраната ќе важи за време на викенди, сабота и недела, и за време на државните празници. Нема да се однесува на автобусите на ЈСП Скопје, возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, возилата на штабовите за итни интервенции, како и на возилата со посебни одобренија, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Со цел да им се излезе во пресрет во граѓаните кои се рекреираат на Водно, градските власти од утре воведуваат бесплатен превоз на патници на автобуската линија број 25 (Транспортен Центар – Средно Водно) и бесплатни пробни линии 25 А (Авто Македонија – Средно Водно) и 25Б (Цветен Пазар – Средно Водно) за време на викенд (сабота и недела) и државен празник.




