Актуелно
Почна хеликоптерското снимање на поплавените реони од Тетовско
Претставници на Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија заедно со странски експерти за цивилна заштита од Европската унија денеска го почнаа хеликоптерското снимање на реоните од Тетовско што беа зафатени од невремето, поплавите и огромните наноси на кал, дрвја и камења пред две недели. Освен денешното снимање од воздух овие експертски тимови ќе ги посетат сите погодени места во следните 12 дена.
– Хеликоптерот е обезбеден од страна на МВР и денеска ќе направиме еден рутински лет на оние критични точки што се случувало точно на планинатата, особено на погодените места и реони. Според нашите досегашни проценки најголемиот проблем е што целиот шарпланински масив е активно свлечиште каде земјата се движи и има многу води особено подземни чие празнење предизвикува и одрони и свлечишта. Ќе се концентрираме особено околу населените места за тоа кои се препораките и што треба да се преземе да не се повтори ваквите случувања, изјави Ивица Наумовски од Дирекцијата за заштита и спасување.
Целта на сите активности е преку механизимите за цивилна заштита да се добијат сателитски снимки за конкретната состојба во регионот, но и поцелосен увид во состојбите на поширокиот терен врз основа на што ќе бидат дадени одредени препораки и насоки до македонските институции-Владата и локалната самоуправа како да се уреди овој простор за да се спречи повторување на поплавите со овој интензитет во следниот период.



