Актуелно
Почна со работа новата компанија оне.Вип
Официјално почна со работа новоформираната компанија настаната со спојувањето на телекомуникациските оператори Вип и Оне. Оне.Вип вчера е регистрирана во Централниот регистар на Република Македонија. Стартува со 1,3 милиони корисници, односно сим картички, и 53 проценти пазарен удел.
Извршниот директор на Оне.Вип Никола Љушев на денешната прес-конференција на која го соопшти почетокот на работата на новата компанија, рече дека новата компанија како наследник на Вип и Оне ќе биде посветена на инвестирање во технологија и корисници. Смета дека појавувањето на новиот субјект ќе делува стимулативно на конкуренцијата.
– Ќе понудиме нови производи, услуги и нова содржина задржувајќи го фокусот на кон потребите на корисниците. Истовремено ќе бидеме оние кои ќе ја стимулираат конкуренција, кои ќе инвестираат во инфраструктурата, иновации и технологија, рече Љушев.



