Актуелно
Посебен сообраќаен режим во Крушево, Скопје и Пелинце
За непречено и безбедно одвивање на закажаните настани за чествување на празникот Илинден, МВР најави посебен собраќаен режим на Мечкин Камен во Крушево, во кумановско Пелинце и во центарот на Скопје.
Сообраќајниот режим во центарот на Скопје ќе почне денеска во 9.30 часот, од кога затворени за сообраќај ќе бидат дел од улиците „11 Октомври“ и „Димитрија Чуповски“ – на потегот од крстосницата со бул. „Кочо Рацин“ до крстосницата со ул.„Васил Главинов“, потоа ул. „Филип Втори Македонски“ – од крстосницата пред хотелот „Холидеј Ин“ до Градска болница, како и ул. „Даме Груев“ – на потегот од крстосницата со ул. „Македонија“ до Собранието на Република Македонија.
Согласно мерките на СВР Битола, во Крушево посебниот сообраќаен режим почна вчера. Од 18 часот до полноќ беше забранет сообраќајот за сите видови возила по главната сообраќајница во градот – од влезот на Крушево, место викано Стара бензинска, до крстосницата „Тагас“. Возилата се движеа заобиколно преку хотел „Монтана Палас“ до Спомен-куќата на Тодор Проески и месноста Гумење.



