Актуелно
Повеќе од 70 издавачи на едно место за претстојниот саем на книгата во Скопје
Книгите се најтивки и најконстантни пријатели, a притоа се најдостапни и најмудри советници, но и најтрпеливи учители. Токму од 12-ти до 18-ти април книгите ќе бидат во фокусот на 28-от по ред Меѓународен саем на книгата кој ќе ги обедини сите изложувачи на едно место, со што овој саем важи за една од најатрактивните манифестации чиј број на посетители се очекува годинава да биде поголем од 40.000.
За време на Саемот на книгата, од 14-ти до 16-ти април сите граѓани ќе имаат одлична можност да посетат уште две други популарни саемски манифестации, Меѓународниот саем за туризам „Скопје Травел Маркет“ и „Денови на образование и кариера“.
„Во периодот од 12.-18.04. во Метрополис Aрена на изложбена површина од 3.000м2, повеќе од 70 издавачи ќе се претстават на 28-от по ред Саем на книгата. Саемот ќе обезбеди најголема концентрација на дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста. Традиционално, како и минатите години и оваа година на Саемот на книгата, како една од најзначајните културни манифестации во земјата, на едно место ќе се претстават најголемите домашни издавачи, но и издавачи од регионот. Читателите секојдневно ќе може да ги следат промоциите на најновите изданија и на нивните автори на голем број домашни и странски издавачки куќи во Промотивниот центар на Галеријата во Метрополис Арена. Исто така, издавачите на своите штандови секојдневно ќе организираат промоции и дружења со автори. Во рамките на Саемот на книгата 2016, Скопски саем организира дополнителен настан, предавање на тема: „Како да се биде среќен во љубовта?“. Предавач е Бруно Шимлеша, социолог, писател и мотивациски говорник од Р. Хрватска, кој е добро познат на пошироката јавност во регионот и пошироко. Бруно Шимлеша е меѓу 10-те најчитани хрватски автори на книги од областа на популарната психологија или самопомош. Настанот ќе се одржи на 14 април (четврток) од 18.30-20.30 часот во Бизнис салата на Скопски саем, изјави Сања Кондарко, оперативен директор на проект во Скопски саем.



