Актуелно
Преговорите во Брисел траат и можно е да продолжат до полноќ
Повеќе од пет часа траат преговорите меѓу четворицата македонски политички лидери и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, за надминување на политичката криза во земјата и според најавите, можно е истите да траат до после полноќ, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според информациите од состанокот во зградата „Берлемонт” на Европската комисија, постојано се менува форматот на преговарачите и преговарачките тимови, но постојано внатре се Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Мендух Тачи (ДПА) и Али Ахмети (ДУИ), комесарот Хан и известувачот за Македонија од Европскито парламент, Иво Вајгл.
По заедничкиот ручек на сите преговарачи и олеснувачи, по 15 часот, во салата за преговори на шестиот кат во Еврокомисијата, присутни се и амбасадорите на Европската унија и Соединетите американски држави во Скопје, Аиво Орав и Џес Липинкот Бејли. Информациите се оскудни и речиси не постојат за тоа што внатре се случува.



