Актуелно
СДСМ ќе бара Македонија да биде една изборна единица
СДСМ ќе побара Македонија, заедно со дијаспората да биде една изборна единица, предлог за кој се залагаат и помалите партии, изјави лидерот на опозицијата Зоран Заев при денешната посета на Велес.
– До нас стигнуваат укажувања, се сугерира да се променат изборните единици. Наместо шест, плус дијаспората, да преминеме на една изборна единица. СДСМ ги поддржува ваквите предлози за една изборна единица од името на демократијата, од име на правата на помалите. Тоа ќе го нотираме во преговорите кои ги водат работните групи. СДСМ може да изгуби некое пратеничко место, но добиваат граѓаните. Добиваме граѓански парламент. Даваме поддршка на моделот Македонија да биде една изборна единица. Така ќе се реши и проблемот со гласањето во дијаспората. Таа ќе гласа, а гласот ќе се брои во местото на живеење, рече Заев.
Тој појасни дека за гласањето на дијаспората, партиите кои учествуваат во преговорите под покровителство на меѓународната заедница имаат многу спротивставени ставови. Заев нагласи дека СДСМ не е против гласањето на дијаспората на изборите во Република Македонија, туку дека се залага таа да биде мотивирана да излегува на избори. Но, вели, не се согласува парламентарец од странство да се биде избран со само 440 гласа, кога прагот во земјава е повеќе од 8.000 гласови.


