Вести
Се укинува радиодифузната такса, минимална плата од 12.000 денари и по 7.596 за стечајците
Од наредниот месец граѓаните се ослободени од плаќање на радиодифузна такса, минималната плата ќе изнесува 12.000 денари, а повеќе од 3.000 стечајни работници ќе добиваат финансиски надоместок од 7.596 денари, информираа на денешната прес-конференција министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
– Минималната плата од следниот месец ќе изнесува 12.000 денари, а фирмите ќе бидат финансиски поддржани од државата. Бенефит од покачување на платите ќе почувствуваат 130 илјади работници во Македонија. Ова е првиот конкретен чекор со кој се отвора спиралата за севкупниот пораст на платите во Македонија што ќе придонесе за поквалитетен животен стандард. Го ветивме и го исполнуваме дадениот збор пред граѓаните. Повеќе пари од Буџетот се насочуваат кон потребите на граѓаните, изјави Царовска.
Посочи дека денеска во Собранието се донесе и Законот за стечајни работници, со кој трајно се решава статусот на повеќе од 3.000 стечајни работници.



