Актуелно
Седум години од потонувањето на „Илинден“ во Охридското Езеро
Седум години навршуваат од трагедијата на Охридското Езеро кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 лица, туристи од соседна Бугарија.
По повод годишнината од трагедијата делегации на Општина Охрид и на Здружението на граѓани „5 септември“ денеска во 13 часот е предвидено да положат цвеќе пред спомен-плочата на жртвите во несреќата, поставена на Градскиот кеј во Охрид. Поканети се и претставници од Амбасадата и Конзулатот на Република Бугарија во Македонија.
Несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. Тоа саботно утро времето беше исклучително топло, езерото мирно, ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.



